Порака по повод Светскиот ден на танцот 2020

Порака на МКОЦ СОНАТА Охрид по повод светскиот ден на танцот:

Молк, наместо танц и музика. Изолација, наместо движења и истражувања. Денес е светскиот ден на танцот, кој како никогаш до сега се празнува “без танц”. Без танц во наводници затоа што денес ја немаме слободата да уживаме на сцена пред публика, затоа што не можеме да го почувствуваме аплаузот кој секогаш не тера да се вратиме посигурни и подобри.

Во време кога сите сме благодарни на технологијата и уживаме во нејзините благодети, танцот не умира, но ја нема душата што ја имаше пред тоа. Часовите кои ги организираме online не можат да се заменат со љубовта и енергијата на менторите додека предаваат и корегираат. За танц потребни се двајца, но да се блиску и да се чувствуваат.

Додека не дојдат подобри времиња, останува само да ја наоѓаме самостојно инспирацијата во движењата и да се обидеме да уживаме во нив без аплауз. Аплаузот овој пат го даваме на медицинските лица и сите оние кои ги почитуваат препораките за заштита од Covid-19. Вие сте сега тие кои стоите на сцената и искрено едвај чекаме да заврши вашиот ред, за ние да застанеме на неа.

До тогаш, бидете живи, здрави и весели. Собирајте енергија и истражувајте се себе си. Кога сето ова ќе заврши, нека грмне музика и нека се слави со танц!

Ваш, Младински Културно Образовен Центар Соната Охрид